Се подготвува теренот за Александар Македонски на плоштад
Просторот на плоштадот Македонија во Скопје, кој беше предвиден за поставување на скулптурата на Александар Македонски на коњот Букефал, во моментот се заградува, јавува од терен репортерот на www.forum.com.mk
Најавуваните скулптури, кои на неколку локации треба да бидaт поставени низ Скопје, полека стигнуваат во главниот град и почнува подготовката за нивно поставување. За поставување на скулптурата на Александар Велики врз фонтана, денеска се дислоцираше подземната инсталација.
Кругот на плоштадот Македонија, кој сега е хортикултурно обработен, во моментот се заградува. Најверојатно се прават последните подготовки за поставувањето на триесетметарската скулптура на Александар Македонски качен на неговиот коњ Букефал.
Претходно, на презентацијата во организација на Општина Центар беше покажан изгледот на плоштадот, на кој до 2014 година треба да биде изградена црквата „Св. Константин и Елена“, но не и долго бараната Бурмали џамија, пред Камениот мост.
Во рамките на презентацијата беа наведени и други проекти, како зградата на новиот Театар, новиот објект каде ќе биде сместено Министерството за надворешни работи и зградата на Уставниот суд.