Чешките бебиња учат да летаат
Чешките бебиња ќе леатаат. Во Прага неколку месеци се организирал рекреативен курс „Летање на бебиња“ за мајките кои сакаат нивните деца да летаат, јавува дописникот на МИА
Чешката телевизија синоќа објави снимки направени со скриена камера на кои инструкторката држејќи неколкумесечно бебе за нозете, со кружни движења го ,,лета“ над својата глава. Таа пред мајките со нивните рожби демонстрираше странични кратки и долги ритмички движења на бебето, кое постојано се наоѓа со главата надолу.
„Оваа технологија ми помага мене и на луѓето околу мене да се релаксираме и да почнеме навистина да уживаме во мајчинството, целосно само во таа насока, главно без страв, објаснува инструкторката на оваа необична физичка активност, Бланка Коларова-Судикова.
Некои од мајките се сосема водушевени од овие нови форми на физичка подготовка на нивните деца, други се исплашени и шокирани додека педијатрите сметаат дека тоа е многу опасно.
Методот ,,Летање на бебиња“ вклучува десет вежби, кои според зборовите на инструкторката ја подобруваат циркулацијата на крвта, ги зајакнуваат мускулите и го ослободуваат бебето од болки во стомакот.
Откако таа им ги демонстрира вежбите на родителите тие започнуваат со сопствен „woekshop“.
На снимката која ја прикажа телевизијата ЧТ имаше деца на најразлична возраст, од три недели, до една и пол година.
„Главната опасност, за мене како детски невролог е дека во одредена положба, наглото тресење на главата може да доведе до внатрешно крварење, вели директорот на прашката Клиника за детска неврологија, Владимир Комарек.
За инструкторката, пак, вежбањето е сосема безбедно, а со методата се запознала пред осум години од руска акушерка.
Разновидни курсеви за вежбање на мајките со нивните деца во Чешка има илјадници и засега не постои никакво системско следење на нивниот квалитет и безбедност. Акредитациите за организирање курсеви за подобрување на физичката активност на децата се издаваат од чешкото Министерство за образование, но не се контролираат начините на кои тие се одвиваат